Командантот на милитантната група Либиска национална армија (ЛНА), генерал Халифа Хафтар најави спроведување офанзива за освојување на главниот град на Либија, Триполи, кој е под контрола на меѓународно признатата Влада на национално единство на земјата.

– Денеска одговараме на повиците на нашиот народ во нашиот драг главен град, како што им ветивме, изјави Хафтар во обраќање до неговите сили кои ќе учествуваат во најавената офанзива на Триполи.

Обраќајќи се до жителите на Триполи, Хафтар нагласи дека сите оние кои ќе го положат оружјето, кои ќе останат во своите домови и кои ќе „кренат бело знаме“, ќе бидат безбедни.

Најавата на Хафтар уследи само неколку часа откако неговите сили презедоа целосна контрола врз градот Гарјан, што се наоѓа на околу 100 километри јужно од Триполи. Гарјан досега беше лојален на Владата во Триполи.

Силите лојални на Хафтар во јануари почнаа офанзива за освојување на областите богати со нафта во јужна Либија, со образложение дека нивна цел е да ги уништат „терористите и криминалните групи“.

Либиската национална армија на Хафтар прерасна во клучен играч во спротивставувањето на Владата во Триполи и во поддршката на паралелната администрација на истокот од Либија.

По освојувањето на Гарјан од страна на борците на ЛНА, претседателот на Владата на национално единство, Фајез ал-Сараџ, ваквиот чекор го нарече „ескалација“ и ги повика силите на Хафтар да „запрат со употребата на јазикот на закани“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 18:52