Човекот кој ги откри манипулациите со лични податоци, што доведе до скандалот со Кембриџ aналитика (КА), Кристофер Вејли, кој пред околу една година откри и длабоки врски меѓу алтернативните десничарски мрежи и Кремљ, во интервју за „Катимерини“ изјави дека вистинската војна денес се води онлајн.

– Ниту еден ден не пожалив за тоа што го направив, изјави тој гордо во ексклузивното интервју. – Пред моите откритија руските пропагатори функционираа видливо, а регулаторните органи дури не можеа да го сфатат, додава тој и објаснува во детали како алгоритмите на КА ја „краделе демократијата“ и влијаеле на референдумот за брегзит и претседателските избори во САД.

Вајли објаснува како дошло до скандалот со КА: „Она што многу луѓе не го знаат е дека Кембриџ аналитика потекнува од друга компанија, СЦЛ Груп. Таа работеше на договори со британската армија и кога првпат почнав да работам, КА воопшто не постоеше како структура. Нашата задача беше да откриваме и да предвидуваме ширење радикални исламски содржини онлајн и да анализираме како исламистите ги радикализираат младите мажи и ги принудуваат да прават ужасни работи. Потоа направивме системи и алатки за да дејствуваме како систем за рано предупредување, така што дадена воена или цивилна агенција би можела да спречи операции за собирање и радикализација во различни делови на светот. Сè се промени откако Стив Банон застана на чело на компанијата. Сите технологии наменети да ги попречат ефикасноста и кохезијата на терористичките организации целосно се свртија. Со неколку промени тие беа употребени против избирачите во американските избори – почнавме да гледаме на обичните Американци на ист начин на кој војската гледаше на радикалите“.

Експертот го објаснува функционирањето на тековните дигитални кампањи за дезинформирање. „Првично, нашите алгоритми лесно идентификуваа делови од американската популација кои беа повеќе нарцисоидни, невротични и конспиративни. Тие потоа беа цели на пораки што поттикнуваат повеќе конспиративно и невротично размислување и ги привлекуваа на форуми, чат-соби и групи на Фејсбук со луѓе кои имаат исто мислење – или често ботови кои комуницираат на истите теми. Откако овие групи ќе пораснат на неколку илјади членови, се креираат локални настани. Во тој момент, дури и само 5 проценти од корисниците всушност да дошле до овие настани, тоа би било доволно за да се формира опиплива заедница каде што конспиративното размислување е сосема нормално. Она што почна како дигитална фантазија стана нивна реалност. Истите техники што војската ги користеше за да поткопаат една наркотрафикантска или терористичка операција беа користени за да создадат американски бунтовници, кои потоа се претворија во она што сега го знаеме како алтернативна десница“.

Врз основа на негово искуство и познавање, Вајли заклучува дека претседателските избори во 2016 година и референдумот за брегзит ќе имаа различни резултати ако не беше ангажирана Кембриџ аналитика. „Сосема разумно е да го тврдам ова, особено ако погледнеме колку се тесни маргините за Доналд Трамп и брегзит – двата резултати се во рамките на неколку проценти. Кај брегзит зборуваме за помалку од два проценти од гласовите. Не се сомневам дека резултатите ќе беа различни доколку не беа употребени тие тајни техники“.

Вајли, исто така, упати остра критика и кон Фејсбук за тоа како реагира интернет-гигантот, откако одлучи да ги разоткрие манипулациите што ги прави заедно со истражувачките новинари на „Гардијан“. „Всушност, ние му дадовме 10 дена на Фејсбук за да го координираме нивниот одговор. Тоа е гратис период што многу ретко се дава, кога некој ќе одлучи да открие скандал. Сепак, наместо да го искористи тоа време за да ја исполни својата одговорност, Фејсбук негираше сè и ми испрати поплава од агресивни правни закани. Тие навестија дека ќе ме испратат во ФБИ за криминал во киберпросторот и оти ќе го тужат ‘Гардијан’ за клевета“.

Експертот сепак не е само разочаран од реакцијата на општеството и политичарите во врска со скандалот што го поттикна: „Политичарите сфатија дека она што се зборува за вештачката интелигенција не е дел од некое научно-фантастично футуристичко сценарио, туку се однесува на структури што се градат токму сега и имаат огромни последици низ целиот свет. Пред моите откритија, руските пропагандисти дејствуваа речиси без да се кријат, но никој не го сфати тоа. Денес, републиканските сенатори бараат федерален закон за неприкосновеноста на приватниот живот – нешто што беше невидено пред една година. Во исто време сум разочаран и од тоа што националните агенции за цивилна заштита, полициски сили и војската сè уште не се подготвени за справување со киберзакани. Можеме да зборуваме за воени трошоци што ги сакаме и да продолжиме да купуваме тенкови, но не можете да стрелате преку интернет. Само погледнете како дигиталните простори се користат од страна на Русија или терористички организации, како што е „Исламска држава“. Вистинската војна се води онлајн – така што ни требаат агенции што целосно го разбираат тоа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 10:11