Европскиот Парламент вчера се произнесе за предлогот на Европската Комисија за можни финансиски санкции за земјите членки на ЕУ кои го нарушуваат владеењето на правото, во рамки на идната европска буџетска рамка за периодот 2021-2027, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија предлага во иднина да се заштити буџетот на ЕУ од земјите кои „сериозно“ ја загрозуваат правната држава, со тоа што би постоела можност да се суспендираат фондови и плаќања кои доаѓаат од заедничкиот европски буџет на Унијата, но овој предлог сѐ уште треба да биде прифатен и од Европскиот Парламент и од земјите членки.

Европскиот Парламент вчера ја усвои својата позиција по прво читање, конечната одлука меѓутоа ќе ја донесе идниот парламентарен состав. Во меѓувреме треба да се произнесат и земјите членки како ко-одлучувачи.

Според предлогот на Европската Комисија, предлогот за евентуално санкционирање на земјата ќе се носи врз основа на процена во соработка со независна експертска група која секоја година ќе објавува заклучоци за состојбата со владеењето на правото во земјите членки. Потоа, конечната одлука ќе биде во рацете на Европскиот Парламент и на Советот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 10:35