Безбедносните камери на железничката станица во германскиот град Дизелдорф регистрирале како еден машиновозач крадел пари од два куфери полни со монети, по што ги пријавил во одделот за загубени предмети.

На снимките од камерите се гледа како машиновозачот ги носи куферите во неговиот автомобил и од нив вади поголемо количество монети, за кои подоцна е утврдено дека биле во вкупна вредност од околу 1.000 евра.

Како што јави ДПА, откако завршил со „олеснување“ на куферите, машиновозачот ги однел во одделот за загубени предмети на станицата.

Украдените пари полицијата ги пронашла во подрумот во неговата куќа.

Полицијата соопшти дека станува збор за 48-годишен машиновозач вработен во германската железница, чиј идентитет не е соопштен.

Подоцна е утврдено дека куферите му припаѓале на еден 56-годишен Нигериец, кој допатувал во Германија на операција. Тој се симнал од возот на станицата во Леверкузен за да го завери билетот, но не стигнал навреме да се врати и композицијата заминала заедно со неговите куфери во кои имало околу 6.000 евра во монети.

Полицијата утврдила дека при пристигнувањето во Германија, Нигериецот уредно ги пријавил парите.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 18:44