Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска по средбата со командантот на милитантната група Либиска национална армија (ЛНА), Калифа Хафтар, соопшти дека „со тешко срце“ ја напушта Либија и дека е длабоко загрижен за состојбата во оваа држава.

– И натаму се надевам дека е можно избегнување на крвавите судири во и околу Триполи, напиша Гутереш на Твитер.

Средбата на Гутереш со првиот човек на ЛНА уследи откако Хафтар вчера објави видео повик до неговите сили, насловен „Операција за ослободување на Триполи“, во кој најави почеток на офанзива за освојување на либискиот главен град, кој е под контрола на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија на премиерот Фајез ал-Сараџ.

Во меѓу време, претставник на администрацијата што ја поддржува Хафтар, стационирана во источна Либија, соопшти дека силите на ЛНА го зазеле селото Сук Ал-Камис, што се наоѓа на 40 километри јужно од Триполи.

Либија во моментов е поделена на територии под контрола на меѓународно признатата Влада на Сараџ во Триполи и паралелната администрација лојална на Хафтар.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 19:38