Во ноќта меѓу сабота и недела би можело да дојде до проблеми во работата на Џи-Пи-Ес системите, по сценарио слично на она од 1999 година кога целиот свет стравуваше од колапс на компјутерски системи при преминот во новиот милениум, поради т.н. „милениумска бубачка“, јави Ен-Би-Си.

Американската телевизија наведува дека компјутерските системи поврзани со сателитите на Системот за глобално позиционирање 24 (Џи-Пи-Ес 24) што орбитираат околу Земјата, во недела во 1.59 часот по средноевропско време би можеле одеднаш да се вратат десет години наназад на 22 август 1999 година.

Теоретски тоа би значело дека е можно нарушување на нормалната работа не само на некои системи за навигација, туку и на повеќе витални инфраструктурни системи во комуникацискиот, транспортниот и електроенергетскиот сектор.

Според Ен-Би-Си, ваквиот проблем би можел да настане затоа што Џи-Пи-Ес системот го смета времето по недели и има доволно мемориски простор само за 1.024 седмици, а кога ќе се исполни тој простор бројачот ќе се врати на нула. Таа 1.024 недела истекува токму во ноќта меѓу утре и задутре.

Сепак, според американското Воено воздухопловство и Агенцијата за инфраструктура и кибер безбедност (ЦИСА) при Министерството за државна безбедност на САД, веројатноста да се случи нешто такво е многу мала.

Тие потсетуваат дека кога првпат бил достигнат „лимитот од 1.024 недели“ во август 1999 година, немало никакви проблеми.

Си-Ен-Ен посочува дека ова е последен пат ограничувањето на меморијата да претставува потенцијален проблем во овој век, затоа што сателитите сега складираат податоци во делови од по 10 бинарни бита, поради што се повторуваат на секои 1.024 недели, но наскоро ќе бидат унапредени на 13-битно складирање, што е доволно за период од 157 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 19:53