Сан Франциско би можел да се претвори во првиот град во САД што ќе спречи нови ХИВ-инфекции.
Оваа вест би можела засекогаш да го промени животот на Дејвид.
Овој студент, кој сонува еден ден да стане актер, да игра и да предава, си повторува една реченица додека ги чека резултатите од тестовите на специјалниот оддел во болница во Сан Франциско: „Ако биде негативен, ќе бидам уште повнимателен“.
Тестот на Дејвид за СИДА е позитивен.
Два дена подоцна тој се сретна со социјален работник во „Ворд 86“, првата специјализирана клиника за лекување ХИВ во САД, основана во 1983 година.
Дејвид уште истиот ден добива помош врз основа на осигурувањето што може да си го дозволи. Тој почнува со антиретровирусна терапија и добива рецепти за повеќе лекови.
Кога аптекарот го информира дека ќе мора да доплати партиципација во износ од 1.195 долари, неговиот социјален работник презема мерки и партиципацијата се брише.
Дајвид, кој има 33 години, секој ден зема по две таблети: „дескови“, небесносини таблети со заоблени агли и „тајвикеј“, мало жолто топче слично на зрно од пченка.
Само по две недели во крвта на Дејвид повеќе го нема вирусот. Додека е под терапија, вирусот нема да влијае на неговата иднина. Што е уште поважно, тој нема да ја пренесува болеста на други.
Успехот на Дејвид е успех на Сан Франциско. Овој град е на пат да стане првиот во земјата што ќе спречи нови ХИВ-инфекции или најмалку да се доближи до таа цел.
Претседателот Доналд Трамп во обраќањето „За состојбата на Унијата“ вети дека САД ќе „ја елиминираат епидемијата од ХИВ… за период од 10 години“. Сан Франциско е во позиција прв да ја оствари таа цел.
За време на врвот на епидемијата во 1992 година во градот беа дијагностицирани повеќе од 2.300 нови случаи на заразени од СИДА.
Најновата статистика од 2017 година покажува дека биле дијагностицирани 221 лице со ХИВ, вирус што предизвикува СИДА. Кога во септември ќе бидат објавени статистичките податоци за 2018 година, се очекува таа бројка да биде околу 190.
– Сан Франциско е модел за останатиот дел од нацијата. Некои држави и градови ги немаат ресурсите на Сан Франциско и ќе имаат проблеми да го спроведат овој модел. Но, градови како Сан Франциско, Њујорк или Сиетл се важни центри, кои му покажуваат на останатиот дел од земјата што сè е можно, изјави Дејвид С. Харви, извршен директор на Националната коалиција за превенција на ширењето на сексуално преносливи болести.
Главна цел на кампањата „Да стигнеме до нула“ е намалување на новите дијагностицирани случаи на ХИВ за 90 проценти во периодот од 2013, кога беа регистрирани 394 инфицирани, до 2020 година.
Сан Франциско е на половина пат од остварување на оваа цел, но се движи побрзо кон неа во споредба со државата во целина и со сите други големи градови.
Првиот чекор кон тоа е брзото тестирање и давање антиретровирусна терапија за одржување на здравјето на луѓето и запирање на ширењето на инфекцијата. На крајот, следува воспоставување мрежа од теренски работници кои имаат задача да ги откриваат луѓето што престанале со редовно тестирање од ХИВ и одново да обезбедат нивна заштита.
Енкујарер – Лондон 6 април 2019