Американскиот потпретседател Мајк Пенс најави нови санкции против Венецуела и наговести посилна акција“ против Куба поради нејзината помош за Владата на актуелниот претседател Николас Мадуро.

Пенс пред околу 300 луѓе во Хјустон, меѓу кои имало и многумина од Венецуела кои се против Мадуро, најави дека ќе бидат воведени нови финансиски санкции за државата за да се спречи, како што рече, Мадуро да зема профит од продажбата на нафта.

– САД ќе продолжат да вршат дипломатски и економски притисок за да дојде до мирна транзиција во демократијата во Венецуела, рече Пенс и додаде дека продажбата на нафтата е „главна артерија на корумпираниот режим“.

Од друга страна, Владата на Венецуела соопшти дека е подготвена да се спротивстави на американските санкции преку правни мерки.

– Венецуела уште еднаш истакнува дека ниту една империјалистичка акција нема да ја наруши соработката на слободните и независни држави и предупредува дека ќе одговори со правни мерки, соопшти венецуелското Министерство за надворешни работи.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2019 11:49