Паравоените формации во западниот дел на Либија се судрија со силите на непризнаената Либиска национална армија (ЛНА), со кои командува Калиф Хафтар, и заробија околу 100 негови војници, откако тој најави офанзива на Триполи.

До ескалацијата дојде откако војниците лојални на Хафтар започнаа со офанзива кон Запад, територија која е под контрола на силите лојални на Претседателскиот совет и Владата на национално единство, поддржани од Обединетите нации.

Претходно беше соопштено дека државите членки на Советот за безбедност на ОН во целост ги поддржуваат напорите за помирување во Либија, што ги предводат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и специјалниот пратеник во земјата Гасан Саламе.

Советот за безбедност на ОН ги повика силите на ЛНА да ги запрат сите воени операции.

СБ на ОН изрази загриженост поради воената активност во близина на либискиот главен град Триполи и предупреди дека тоа претставува закана за стабилноста на земјата, соопшти германскиот амбасадор во ОН Кристоф Хојсген, кој претседава со Советот во април.

Советот за безбедност го усогласил соопштението на состанок зад затворени врати на кој се дискутирало за најновиот развој на ситуацијата во Либија.

– Исто така се повикуваат сите страни да ја намалат затегнатоста и да ги запрат воените активности. Не може да има воено решение за конфликтот, истакна германскиот амбасадор.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2019 14:47