Јапонскиот цар Акихито и царицата Мичико драматично ја модернизираа монархијата окована во традиција. Владетелот кој ќе абдицира на 30 април и неговата сопруга „се спуштија меѓу луѓето” и значително ја зголеми популарноста на династијата.
Акихито ја прекина традицијата речиси во сè, од венчавка со љубовта од „обичните“ луѓе до извинување за јапонските воени злосторства.
Неговиот пристап честопати ги вознемируваше традиционалистите, кои царот го доживуваат како полубог.
Роден во 1933 година, во времето кога Јапонија ја почнуваше својата милитаристичка експанзија во Азија. Имаше 11 години кога Јапонија, понижена и уништена, ја изгуби Втората светска војна.
Се ожени за жена која не е благородничка
Престолот Хризантема го наследи во 1989 година, по смртта на татко му, царот Хирохито. За време на владеењето на Хирохито, власта на Јапонија го мина патот од агресивен експанзионизам до институционализиран пацифизам, уставна категорија наметната од повоените американски окупациски сили. Американците го оставија Хирохито на власт, но статусот од полубожество му е деградиран во фигура без политичка моќ.
Тоа е улогата што Акихито ја прифати и тивко ја трансформира монархијата, која дотогаш беше отуѓена од народот. Тој е првиот член на царското семејство што се ожени за жена која не е благородничка, туку ќерка на сопственик на фабрика за брашно.
Мичико Шода е родена во 1934 година во Токио и посетувала ексклузивно женско христијанско училиште, а потоа студирала англиска книжевност. Тие се запознале на тениски турнир и се венчаа во 1959 година. Одлуката на тогашниот престолонаследник да го отфрли традиционалниот договорен брак и да се ожени за онаа која ја сакал беше доживеана како силна потврда за демократизацијата на Јапонија. Младата двојка одлучи да живее со своите деца наместо, по обичај, воспитувањето да се препушти на гувернанти.
Нивните методи, секако, предизвикаа и критики во кралскиот двор и меѓу традиционалистите, посебно насочени кон Мичико во првите години од бракот.
Во 1960 година таа го родни идниот цар Нурухито, но три години подоцна имала спонтан абортус, поради што за одреден период се повлече од јавниот живот. Вториот син, принцот Акишино, е роден во 1965 година.
Мичико ги издржа сите критики, озборувања и постојано да биде под лупата на традиционалистите и денес е сакана, меѓу другото, и поради тоа што во царското домаќинство внесе мода и свежина.
„Се надевам дека ме разбирате“
Двојката стана позната и по тоа што редовно ги посетува местата на природни катастрофи и им дава поддршка на несреќните.
По разорниот земјотрес и цунами во 2011 година, кој предизвика нуклеарна катастрофа во Фукушима, Акихито телевизиски се обрати до нацијата, што беше првпат во историјата на монархијата, а со цел да смири и да спречи паника.
Царската двојка, два месеци подоцна, и лично ја посети Фукушима на ужас на „чистокрвните“ кои сметаат дека примарна улога на царот е оддалеку да води молитва, а не да разговара со поданиците. Меѓутоа, пошироката јавност сочувствителноста и блискоста на царот целосно ја поздрави.
Популарноста на Акихито му овозможи да изнесува ставови кои беа на работ на прекршување на забраната за политичко мешање. Посебно јасно го покажа своето противење на национализмот и искажа „длабоко жалење“ за јапонската улога во Втората светска војна.
За историската посета на Кина во 1992 година, царот рече дека Јапонија му нанела „големо страдање на кинескиот народ“ и ја додаде историската реченица – Поради тоа длабоко жалам.
Кореја не ја посети, но и на Корејците им се извини за страдањата нанесени за време на бруталното јапонско владеење со Корејскиот Полуостров од 1910 до 1945 година.
На крајот на владеењето прекрши уште една традиција. Пред три години јавно ја замоли јавноста да му дозволи абдикација поради одминатата возраст и нарушено здравје.
– Искрено се надевам на вашето разбирање, му се обрати тој на народот.
Владата го послуша и го смени законот, според кој, дотогаш царевите беа принудени да владеат до смрт.