Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини денеска во Милано ќе одржи прес-конференција на која ќе ги повика националистичките партии ширум Европа да му се придружат за формирање политичка група на следните избори за Европски Парламент.

– Сакаме радикално да ја измениме оваа Европа, со ист вкус за конкретните работи каков што демонстрираме сега во Италија, изјави Салвини во текот на викендот и ги повика сите политички сили кои ја делат таа визија и цели да им се придружат на претстојните европски избори во мај, за градење нова Европска Унија која ќе им „даде приоритет на народите, а не на бирократите и банкарите“.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Салвини се надева дека околу себе ќе привлече дваесетина суверенистички политички партии од ЕУ.

Според италијанските медиуми, се очекува уште денеска да му се придружи екстремни десничарски партии од Германија, Финска и Данска, но не и највлијателните националистички партии на континентот, како францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, полската Право и правда (ПиС) и Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи сите овие партии веќе припаѓаат на други политички семејства во Европарламентот.

Фидес на Орбан е членка на Европската народна партија (ЕПП), ПиС е дел од Европските конзервативци и реформисти, а РН на Ле Пен членува во партијата Европа на нации и слободи.

Финските и дански сојузници на Салвини исто така се дел од Европските конзервативци и реформисти, додека неговата партија Северна Лига е дел од истата група, како и партијата на Ле Пен.

Идејата на италијанскиот министер за внатрешни е да успее да ги собере сите националистички сили во една единствена група за претстојните избори за Европскиот Парламент, за здружено тие да имаат поголемо влијание врз европските политики.

Салвини и Ле Пен се сретнаа минатата недела и подготвуваат голем митинг во текот на мај, но останува сосема неизвесно дали ќе успеат да договорат политичка алијанса за изборите, поради нивното ривалство за лидерската позиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 09:52