САД повикаа на итен прекин на борбите во Либија, во време кога силите на милитантната група Либиска национална армија (ЛНА) на генералот Калифа Хафтар напредуваат кон Триполи, кој е под контрола на меѓународно признатата Влада на национално единство на премиерот Фајез ал Сараџ.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во соопштение нагласи дека е „длабоко загрижен поради борбите во близина на Триполи“ и повика на разговори меѓу завојуваните страни за прекин на судирите.

Според Помпео, САД се противат на офанзивата на силите на Хафтар и бараат неговите сили под итно да ги прекинат воените операции кај Триполи.

Вчера и Обединетите Нации ги повикаа двете завојувани страни на двочасовен прекин на огнот за да се евакуираат жртвите и цивилите, но и покрај тоа судирите продолжија.

Хафтар во четвртокот објави дека неговите сили започнуваат „офанзива за ослободување на Триполи“, по што во текот на викендов борците на ЛНА се доближија до либискиот главен град.

Според Владата на Сараџ, во вчерашните борби во близина на Триполи загинале најмалку 21 лице, а 27 други се ранети. Владата најави и дека нејзините сили ја започнале операцијата „Вулкан на гневот“ за одбрана на главниот град.

Од друга страна, Хафтар соопшти дека во судирите биле убиени 14 борци на ЛНА.

Очевидци тврдат дека силите на ЛНА извршиле воздушни напади врз јужниот дел на Триполи и дека почнале да напредуваат кон центарот на градот.

Западните земји во меѓу време почнаа да го евакуираат својот дипломатски персонал од Либија.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 10:51