Кинескиот премиер Ли Кечијанг ги негира обвинувањата дека Пекинг се обидува да ги заостри односите меѓу земјите-членки на Европската унија.

– Ние силно го поддржуваме процесот на европска интеграција и се надеваме на обединета и просперитетна Европа, напиша тој во статија објавена денеска во германскиот весник „Ханделсблат“, во пресрет на претстојниот самит на Кина и ЕУ, кој ќе се одржи утре во Брисел.

Интензивната соработка меѓу Пекинг и земјите од Источна Европа помага за побалансиран развој и единство на ЕУ и е корисно дополнување на односите меѓу Кина и ЕУ, напиша Ли во својата статија.

– Кина и ЕУ имаат многу повеќе заеднички интереси отколку разлики, додаде тој.

Кина често ја обвинуваат дека се обидува да ја раздели ЕУ преку специјална соработка со земјите од Источна Европа. Разговорите на годишната средба меѓу Ли и шефовите на владите од 16 земји од Централна и Источна Европа минатата година предизвикаа загриженост во Брисел. На таа средба беа разгледани заеднички проекти од областа на инфраструктурата, енергетиката, технологиите и туризмот.

Странските медиуми пренесуваат дека дипломати од ЕУ се пожалиле дека Кина води стратегија на „раздели па владеј“, со цел поткопување на европското единство.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 18:20