Шефовите на европските дипломатии денеска покажале единство околу настаните во Либија, увери Федерика Могерини, додавајќи дека „ЕУ работи на деескалација на тензиите во земјата и ги повикува сите страни да се вратат на преговарачка маса“.

Европската Унија ќе разговара со сите инволвирани страни во конфликтот како и сите сили во регионот, нагласи високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Могерини, со целосно единство. Единството околу либиското прашање од европска страна е критично поради ветото на Русија во Обединетите Нации за резолуција во која се осудуваше улогата на генералот Калифа Хафтар, чии сили денеска го нападнаа и единствениот функционален аеродром во Триполи.

-Членките на ЕУ беа крајно обединети за Либија, имало поделби и различни мислења во минатото, но денеска сите членки ја разбраа важноста од обединет европски глас во момент кога други играчи во најмала рака неубедливо даваат поддршка за Обединетите Нации, рече Могерини на денешната прес конференција по состанокот.

Шефицата на европската дипломатија истакна дека е во интерес на сите Европејци да се избегне воена ескалација во земјата, пред сѐ „поради самиот либиски народ“, нагласи таа.

Но, јасно е дека ЕУ стравува и од нова миграциска криза во случај на дестабилизација на Либија, која е главна транзитна земја за мигрантите и бегалците од Африка кон ЕУ. Могерини ги увери новинарите дека не станало збор за миграцијата на денешниот министерски состанок, но и дека ставот на Унијата останува непроменет за тоа дека Либија не е безбедна трета земја.

-Либија не е безбедна земја, нема никаква промена тука, последните случувања за жал нѐ потсетуваат дека Либија сѐ уште се соочува со тешка ситуација, рече Могерини.

Во последните месеци, европски земји беа обвинети дека ги враќале мигрантите во Либија, од каде што го препливувале Медитеранот за да стигнат до европска територија. Според меѓународното и европското право, мигрантите и бегалците не смеат да бидат вратени во небезбедни трети земји.

Шефицата на европската дипломатија додаде дека Либија денеска беше „дискутирана како соседна земја на членките на ЕУ“, а не како транзитна земја за мигрантите.

ЕУ сега ги повикува сите страни да се вратат на преговарачката маса во Либија.

-Треба да се избегне воена ескалација, а вестите кои пристигнуваат засега не водат во тој правец, треба враќање на преговарачката маса под водство на ОН и да се обезбеди мир и стабилност за либискиот народ, изјави Федерика Могерини.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 18:53