Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, а за подоцна е планирано да оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
Портпаролот на германската Влада Штефен Зејберт вчера изјави дека Меркел ќе биде домаќин на денешната средба со британската премиерка Меј во Берлин, посветена на Брегзит.
За вечерва е предвидено Меј да отпатува за Париз на средба со Макрон, со кој ќе разговара на истата тема.
Меј ќе има средби со европските колеги еден ден пред Самитот на Европска Унија, на кој таа ќе побара продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од ЕУ.
Неименувани претставници на Унијата изјавија дека е малку веројатно дека Брисел ќе стави вето на продолжување на рокот за Брегзит, но оти постои несогласување за уште колку време ќе биде пролонгирано излегувањето на Велика Британија од ЕУ.