Шефот на еквадорската дипломатија Хозе Валенсија синоќа изјави дека Еквадор го задржува правото да спроведе истрага за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж поради наводно „протекување“ на информации за приватниот живот на претседателот Ленин Морено.
Претседателот на Еквадор претходно изјави дека Асанж, кој седум години живее во Еквадорската амбасада во Лондон, ги прекршил условите за азил, но оти државата не планира да му го укине азилот. Владата на Еквадор минатата недела соопшти дека Викиликс најверојатно бил вклучен во објавувањето на разговори и фотографии од Морено и неговото семејство на социјалните мрежи.
– Еквадор ќе го задржува правото да спроведе истрага. Државата има можност да додели и повлече дипломатски азил. Затоа можеме да спроведеме и истрага. Имаме информација која е можно да има пристап (до интернет). Ова конкретно ја одредува истрагата која ќе продолжиме да ја спроведуваме, посочи Валенсија.
Поради истрагата известувач на Обединети нации ќе го посети Асанж на 25 април во Лондон. Валенсија истакна и дека Владата на Еквадор разрешила еден претставник на Амбасадата во Лондон под обвинение дека одржувал блиски врски со основачот на Викиликс.
Асанж истакна дека Еквадор бара начин да стави крај на неговиот престој во Амбасадата и поради тоа го вмешува него и Викиликс во обвиненијата за корупција против Морено и неговото семејство, објавени на социјалните мрежи.
Основачот на Викиликс во 2012 година побара и доби азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон, за да избегне екстрадиција во Шведска, каде беше обвинет за силување. Подоцна обвинувањето беше отфрлено. Но, Асанж стравува дека може да биде испорачан во САД, каде е обвинет за објавување на доверливи информации.