Министрите за европски прашања го подготвуваат утрешниот самит посветен на Брегзит, каде од британската премиерка Тереза Меј се очекува да настапи со јасни барања, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.

– ЕУ е отворена за секаков исход од меѓупартиските преговори кои се водат во Лондон, истакна Барние.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, министрите ја поздравија и одлуката на британската премиерка да остави простор за учество во изборите за Европскиот парламент, доколку Брегзит се одложи до 30 јуни, но нагласија дека „важни прашања се уште остануваат не одговорени“, за кои утре шефовите на држави или влади на ЕУ ќе бараат одговори од Меј.

Европската Унија полага голема надеж во тековните преговори што Меј ги води со лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин и е подготвена да се прилагоди на можни нови барања од британска страна.

– Од овој меѓупартиски дијалог, кој е нов елемент, може да излезе некое барање кое сме подготвени да го прифатиме и примениме за идното партнерство, рече Барние, потсетувајќи, меѓутоа, дека претходно мора да биде одобрен договорот за повлекување од ЕУ, кој до сега парламентарците три пати го отфрлија.

Конкретно, од преговорите со лабуристичката опозиција би можело да произлезе барање за останување во европската царинска унија, бидејќи тоа е ставот на мнозинството членови на партијата на Корбин. Секое ново барање од Британците мора, секако, да биде во согласност со европските начела, потсети главниот европски преговарач.

– Подготвени сме за неколку дена, неколку часа, да ја подобриме политичката декларација, но барањата кои ги очекуваме од Обединетото Кралство во рамките на овој дијалог ќе мора да ги почитуваат темелните принципи на ЕУ: интегритетот на внатрешниот пазар, автономијата на одлучување на 27-те земји членки и неделивост на четирите слободи, изјави Барние.

Меј утре ќе им се придружи на европските лидери на самитот во Брисел, каде ќе треба и да го образложи своето барање за одлагање на Брегзит до 30 јуни, барање на кое за сега се противат неколку земји членки на ЕУ, како Франција.

– Пролонгирањето е прашање кое е одговорност на лидерите утре, но тоа мора да биде корисно, ако треба да дадеме повеќе време, ако е потребно за да успее политичкиот процес, времетраењето на одлагањето, долго или кусо, мора да биде пропорционално на целта, треба да служи на некаква цел, предупреди Барние.

Европската Унија стравува од одолговлекување на преговорите за Брегзит во недоглед, оценувајќи дека процесот на истапување на Велика Британија троши време и енергија ана институциите на ЕУ на штета на други важни прашања.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2019 13:04