Алжирскиот Парламент денеска го избра првиот човек на Горниот дом на законодавното тело, Абделкадер Бенсалах за привремен претседател на Алжир на местото ан долгогодишниот шеф на државата Абделазиз Бутефлика, кој минатата недела поднесе оставка под притисок на продемократските протести, кои добија поддршка од армијата.
Бенсалах ќе раководи со земјата во следните 90 дена на транзицискиот период, во кој треба да се одржат претседателските избори.
Абделкадер Бенсалах е роден на 24 ноември 1941 во северозападната алжирска провинција Тлемсен.
Во 1959 година на 18-годишна возраст се приклучува на вооруженото крило на Фронтот за национално ослободување (ФНЛ), Армијата за национално ослободување (АНЛ) и учествува во војната за независност на Алжир.
По ослободувањето на земјата од француската колонијална управа, Бенсалах го продолжува образованието и по дипломирањето во 1967 година се вработува како новинар во дневниот весник „Шаб“. Следната година преминува во неделникот „Муџахид“, а потоа и во дневниот весник „Џумхурија“.
Во политиката влегува во 1977 година, кога е избран за пратеник во Народното собрание од Тлемсен и отслужува три петгодишни мандати.
Во 1989 година тој е именуван за амбасадор на Алжир во Саудиска Арабија и за алжирски постојан претставник во Организацијата за исламска соработка со седиште во Џеда.
По истекот на мандатот на овие две функции, во 1993 година Бенсалах е именуван за портпарол на алжирското Министерство за надворешни работи, а неколку месеци подоцна и за член и портпарол на Комисијата за национален дијалог, кој доведе до крај на граѓанската војна во Алжир од почетокот на 90-те години на минатиот век.
По завршувањето на војната, во 1994 година е избран за претседател на Националниот транзициски совет, тело што во следните три години ќе ја има улогата на законодавен дом на Алжир.
Во 1997 година Бенсалах е еден од основачите на популистичкиот либерален Демократски национален собир (РНД), од чии редови е избран за пратеник и истата година станува претседател на Народното национално собрание, долниот дом Парламентот.
Во 2002 година Бенсалах е избран за претседател на горниот дом на Парламентот, Советот на нацијата, функција која ја извршуваше до денеска.
Бенсалах важи за еден од поблиските соработници на досегашниот претседател Бутефлика, поради што неговиот денешен избор за привремен шеф на државата не беше поддржан од опозицијата.