Мала група унгарски бизнисмени и политичари, блиски до премиерот Виктор Орбан основаа меѓународна новинска агенција во Лондон, чиј фокус ќе бидат вестите од централна и источна Европа.
Новата агенција, наречена V4NA (В4НА), во Лондон ја регистрираше унгарскиот амбасадор во Велика Британија Кристоф Салај – Бобровницки на 31 декември 2018 година. Името на новинската агенција го одразува фокусот на четирите земји од Вишеградската група – Полска, Словачка, Унгарија и Чешка. Исто така, се планира да се концентрира и на други држави пред изборите за Европскиот парламент во мај.
„Нашиот тим од 50 новинари и соработници, кои можат брзо да реагираат, се наоѓаат на места во Европа каде се случуваат најважните приказни: Лондон, Брисел, Париз, Берлин, Прага, Будимпешта, Белград, Братислава, Варшава“, се наведува на порталот на агенцијата.
Минатиот месец, еден од најблиските соработници на Орбан, а кого унгарските медиуми го посочуваат како „спин доктор“ Арпад Хабони се стекна со 40 отсто од акциите во таа агенција преку својата лондонска фирма за политички консалтинг Данјуб Бизнис консалтинг (Danube Business Consulting Ltd). Потоа, Њу Веив медиа група, во сопственост на КЕСМА, фонд кој ги контролира повеќето унгарски провладини медиуми, се стекна со удел од 57 отсто, купени од Салај – Бобровницки. КЕСМА минатата година беше изземена од надзорот на регулаторното тело бидејќи е вброена меѓу стратешкјите национални фирми.
Иако за најголеми дел од содржините на сајтот се плаќа, сепак, унгарските медиуми посочуваат дека според насловите може да се заклучи дека страницата е анти-мигрантски насочена и со наклоност кон Орбан.