Претседателите на парламентите на земјите-членки на ЕУ денеска се изјаснија за продолжување на процесот на пристапување за земјите од Западен Балкан како придонес за безбедноста и стабилноста.

Во заклучокот од дводневната конференција одржана во Виена, тие ги повикаа земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите.

-Одржувањето на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан е инвестиција во мир, демократија и безбедност, се вели во документот.

Во исто време, претседателите на парламентите ја нагласуваат потребата од стриктно инсистирање на исполнување на сите пристапни критериуми за членство како основа за пристапниот процес.

Земјите од регионот беа повикани да ги надминат постојните конфликти и да ја зајакнат регионалната соработка и да воспостават добрососедски односи.

Во заклучокот од конференцијата посебно е поздравен Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија, кој може да биде пример за зајакнување на добрососедските односи меѓу другите земји во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2019 18:40