Резолуцијата на Европскиот парламент во 2016 година за создавање на сеопфатен, обврзувачки и траен механизам во рамки на Европската унија за надгледување на состојбата со демократијата, владеењето на правото и човековите права во земјите-членки на Европската унија беа поттикнувач на Парламентарното собрание на Советот на Европа за да започне ново размислување за начините за постигнување поголема комплементарност меѓу двете организации. На оваа тема денеска се одржа расправа во ПССЕ, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Иако позицијата според која Советот на Европа останува „репер за човековите права, владеењето на правото и демократијата во Европа” не е доведена во прашање, треба и понатаму да се развиваат практични аранжмани на сите нивоа и континуирани напори за да се обезбеди синергија на дејствување и да се избегне фрагментација на разбирањето на основните вредности и нивната имплементација на европскиот континент.

Извештајот за кој се расправаше во ПССЕ предлага конкретни мерки за зајакнување на дијалогот со националните парламенти, под услов да има искрена дебата за препораките во врска со почитувањето на стандардите за човековите права од страна на земјите-членки, владеењето на правото и демократијата што произлегува од двете организации и доближувајќи ги европските носители на одлуки и претставниците на националните парламенти.

Во дискусијата зеде учество македонскиот пратеник Бетиан Китев, кој меѓу другото истакна дека „Советот на Европа го има потребниот механизам за да делува за заштита на демократијата, владеењето на правото и фундаменталните права во земјите членки и мора да ја наметне својата улога во овие области, без да се заборави на првостепената улога која ја игра во заштитата на човековите права“.

Всушност ПССЕ нема ништо против ЕУ да создаде свој механизам, но тој треба да биде согласно постоечките Европски конвенции, посебно конвенцијата за заштита на човековите права и ефективното спроведување на нормите за правна држава и одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Оваа инцијатива на Европскиот парламент се уште не е реализирана, а дали ќе биде реализирана, тоа се уште не е познато.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2019 18:52