Челниците на земјите членки на Европската унија на денешниот вонреден самит, на кој ќе присуствува и британската премиерка Тереза Меј, ќе соопштат дека во петок нема да има Брегзит, јавуваат светските агенции.

Сепак, дипломатите се уште не можат да се усогласат на кој период и под кои услови ќе биде одложен Брегзит, додека британските пратеници вчера го одобрија планот на Меј за одложување на Брегзит до 30 јуни.

Две недели откако на сличен самит беше донесена одлука Брегзит да се помести од 31 март на 12 април со цел Меј да се обиде да обезбеди парламентарна поддршка за нејзиниот договор, министрите на земјите членки на ЕУ велат дека британската премиерка не ги исполнила нивните услови за дополнително продолжување на рокот за излез од Унијата.

Сепак, со цел да се избегне Брегзит без договор, од кој никој не би имал корист, дипломатите тврдат дека фокусот сега е на предлогот на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск за одложување на Брегзит на период до една година за да и се даде на Велика Британија повеќе време да го организира излезот од Унијата.

Одложување на Брегзит на една година би значело дека Велика Британија ќе учествува на изборите за Европскиот парламент. ЕУ исто така би сакала да го ограничи влијанието на Британија врз донесувањето поважни одлуки, но доколку Брегзит се одложи на една година, тоа ќе биде тешко да се спроведе.

Дипломатите тврдат дека најверојатна опција е продолжување на Брегзит на девет месеци, односно до крајот на годинава, јавуваат светските агенции.

– Секаква одука ќе и служи на целта. Нашата цел е уреден излез на Велика Британија од Унијата. Но, за да дојдеме до тоа, Велика Британија мора да се согласи на договор, изјави преговарачот за Брегзит Мишел Барние, но и додаде дека дополнителна година за продолжување на процесот би била предолг период.

Меј, која се уште не е во можност да обезбеди парламентарно мнозинство што ќе го поддржи нејзиниот договор за излез од Европската унија, вчера ги посети Берлин и Париз. Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит) може да се одложи до почетокот на 2020 година.

– Одложувањето на Брегзит за неколку месеци е можно, до почетокот на 2020 година, изјави канцеларката на состанокот со членовите на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Канцеларката Меркел, која се состана со британската премиерка Тереза ​​Меј, рече дека ЕУ не сака да и наметне на Велика Британија „неуредено” заминување од членството, бидејќи во интерес на Унијата е да продолжи да има добри односи со земјата.

На средбата со францускиот претседател Меј го информира Емануел Макрон за разговорите со опозициската Лабуристичка партија со цел да се најде излез од ќор-сокакот за Брегзит. Тие, исто така, разговарале за претстојните избори за Европскиот парламент, а британската премиерката истакнала оти „Владата работи многу напорно за да се избегне учеството на Велика Британија на тие избори“.

Елисејската палата претходно соопшти дека Франција не е против одложување на Брегзит, но, период од година дена, како што предлага Брисел, е премногу. Париз „не е затворен за други решенија, но со одредени ограничувања и не по секоја цена“, наведе Палатата пред состанокот на Макрон и ​​Меј, која по Берлин отпатува за Париз.

И претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вчера испрати писмо до лидерите на 27-те земји членки на Европската унија во кое се заложи за одложување на Брегзит за најмногу една година.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 10:52