Јапонските власти им дозволија враќање во нивните домови на жителите на дел од градот Окума, што се наоѓа во близина на нуклеарната централа „Фукушима“, која имаше хаварија по ударот на цунами во 2011 година, при што од неа беше ослободено големо количество јонизирачка радијација.

Властите информираа дека е извршена сеопфатна деконтаминација на околу 40 отсто од Окума и дека тој дел од градот сега е безбеден за живеење. Од друга страна, останатиот дел од Окума, како и вториот град во близина на „Фукушима“, Футаба и околните населба и натаму се „премногу озрачени“.

Деконтаминацијата на теренот е извршена со отстранување на горниот слој од земјата, сечење на дрвата и темелно миење на куќите и улиците.

Сепак многу жители на Окума одбиваат да се вратат во своите домови, сметајќи дека процесот на деконтаминација се уште не е завршен.

Критичарите на јапонската Влада обвинуваат дека одлуката за враќање на жителите во Окума е во рамки на владините обиди да промовира безбедност во пресрет на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Некои експерти сметаат дека со начинот на кој е извршена „деконтаминацијата“, радијацијата само е преместена од едно место на друго и е создадено огромно количество радиоактивен отпад.

По хаваријата во „Фукушима“, која беше класифицирана како седмо, највисоко, ниво на нуклеарен инцидент, од околината на нуклеарката беа евакуирани околу 160.000 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 11:19