Претседателот на Венецуела Николас Мадуро по денешната средба во Каракас со шефот на Црвениот крст Петер Маурер, изјави дека неговата земја е подготвена да прифати меѓународна помош.

– Ја потврдуваме нашата подготвеност да воспоставиме механизми за соработка за меѓународна помош и поддршка, напиша Мадуро на Твитер.

Претседателот, кој негира дека сегашната ситуација во Венецуела може да се опише како хуманитарна криза, по состанокот повтори дека во соработката со Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) треба да се почитува „венецуелскиот законски поредок“.

Делегација на МКЦК предводена од шефот на организацијата, Петер Маурер, од саботата е во посета на јужноамериканската и денеска треба да замине.

МКЦК во петокот соопшти дека е „загрижен поради сериозните последици што ги има актуелната ситуација врз Венецуелците, особено оние што немаат пристап до основни услуги“.

Венецуела е во длабока политичка криза, а лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо во јануари се прогласи за привремен претседател на земјата. Оттогаш тој е признаен од повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги и САД, кои сакаат Мадуро да се повлече од власт.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 12:18