Парламентарното собрание на Советот на Европа повика да се донесат серија мерки за спречување на сексизмот и сексуално вознемирување во политиката, вклучително и во парламентите.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, овие препораки на ПССЕ ќе бидат упатени до националните парламенти, но и до политичките партии и владите на земјите членки на Советот на Европа.

Мерките се однесуваат на подигање на свеста за оваа појава, која е оценета како „банална, системска и широко распространета“, преку анкети и јавни дебати, како и за воведување на ефикасни процедури и механизми за жалби во парламентите со ефективни и пропорционални санкции. Исто така, треба да се интензивира и собирањето на податоци, следењето и истражувањето во оваа област.

По предлог на известувачот, исландската пратеничка Торилдор Суна Аварсдотир, беше повикано и ПССЕ на измена на правилата на однесување со цел да се воведе експлицитна забрана на сексизмот, сексуалното вознемирување и сексуално насилство, како и да се обезбеди „заштита на достоинството“.

ПССЕ ги покани сите парламенти да се приклучат и да ја поддржат иницијативата за спречување на насилството врз жените во политиката #NoMyParliament.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 12:51