Израелскиот претседател Реувен Ривлин следната недела ќе започне консултации со партиите што освоија пратеници во новиот состав на Кнесетот, за формирање нова влада на Израел, соопшти денеска Кабинетот на шефот на државата.
Во соопштението се посочува дека консултациите меѓу Ривлин и претставниците на политичките партии ќе бидат „пренесувани во живо на сите платформи, во име на транспарентноста“, што, како што се нагласува во текстот, претставува „историска и пионерска одлука во историјата на Беит Ханаси“, резиденцијата на претседателот.
– По сослушувањето на препораките на партиите за идниот премиер, претседателот ќе соопшти кој член на Парламентот ќе добие мандат за формирање влада, се истакнува во соопштението.
Како што јави ДПА, мандатарот ќе има рок од 28 дена за формирање влада, а доколку не успее во тоа за тој период може да добие уште дополнителни 14 дена.
Најавите за консултации за формирање нова влада на Израел, доаѓаат по вчерашните парламентарни избори на кои најмногу гласови освои конзервативната партија Ликуд на актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху.
Според првичните изборни резултати, Ликуд и либералната опозициска коалиција Бело и Сино освоиле по 35 мандати во 120-члениот Кнесет, пред двете десничарски верски партии Шас и Обединет јудаизам на Тората, кои се членки на сегашната владина коалиција, со по осум пратеници. Места во Парламентот освоија уште седум партии и коалиции, кои ќе имаат по меѓу четири и шест пратеници.
Партиите од актуелната владина коалиција заедно освоија 60 пратеници или еден помалку од неопходните 61 за парламентарно мнозинство.