Германската канцеларка Ангела Меркел очекува едногласен договор на 27-те членки на ЕУ за барањето на Велика Британија за одложување на Брегзит.

-Мораме да се запрашаме што е во интерес на добрата соработка и што е во наш интерес, а тоа е уреден Брегзит и единство на ЕУ- 27, порача Меркел.

Германската канцеларка доаѓајќи на вонредниот самит на лидерите на ЕУ порача дека е важно да се гарантира функционалност на институциите на ЕУ и оти во случај на одложување на Брегзит е важна подготовката на Велика Британија за учество на европските избори.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, вели дека при одлучувањето за повторно одложување на Брегзит е важно да се заштити европскиот проект и единството, да се добијат јасни одговори и да се почитува изборот на британскиот народ.

-Во моите очи, уште не е ништо решено, особено кога станува збор за подолги одложувања, рече Макрон пред пристигнувањето на вонредниот самит во Брисел.

Макрон оцени дека на денешниот состанок со британската премиерка Тереза Меј, мора дефинитивно да се разјаснат три основни работи: зошто е побарано подолго одложување, кој е политичкиот проект што го оправдува тоа и кои се јасните предлози.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 20:06