Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека се надева оти Велика Британија ќе ги почитува сите права на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кого британската полиција го уапси денеска во Еквадорската амбасада во Лондон.

– Ако наводите не медиумите се точни, тој е уапсен во Лондон. Така што немам да додадам ништо повеќе. Се надевам дека сите негови права ќе бидат почитувани, истакна Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали Русија е подготвена да му даде азил на Асанж.

Коментирајќи го апсењето на Асанж, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на својот налог на Фејсбук објави дека оваа постапка покажала како „раката на „демократијата“ го стега грлото на слободата“.

Британската полиција денеска соопшти дека го уапсила основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Асанж беше уапсен во зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години.

Во соопштението на британската полиција се наведува дека 47-годишниот Асанж бил уапсен врз основа на налог на Судот во Вестминстер издаден на 29 јуни 2012 година, затоа што не се јавил на суд во предвидениот термин.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2019 13:53