Таткото на напаѓачот на Ајнтрахт Франкфурт, Лука Јовиќ – Милан изјави дека неговиот син и следната сезона ќе остане во германскиот тим. 21-годишниот српски голгетер е поврзуван со трансфер во голем број водечки европски клубови, а главни фаворити се Барселона и Реал Мадрид.

– Лука доби предлози за трансфер, вклучувајќи и од Барселона, но не е заинтригиран. Тој не е сигурен дали ќе биде стартер таму – неговата желба е да стигне до Лигата на Шампионите со Ајнтрахт и да остане во клубот. Тој дојде кај мене пред неколку дена и рече: „Тато, не станува збор за парите, сакам да играм редовно фудбал“. Тој е многу близок пријател со останатите млади играчи во тимот, изјави таткото на Јовиќ пред „Билд“.

Франкфурт е на пат да заврши во топ 4 во Бундеслигата, што ќе им обезбеди пласман за Лигата на шампионите следната сезона. Самиот Јовиќ изјави дека се согласува да остане во клубот, ако тој обезбеди учество во најпрестижниот европски клупски турнир следната кампања.

– Би сакал да останам тука за следната сезона. Ако стигнеме до Лигата на Шампионите, ќе биде тешко да се разделам со Ајнтрахт, откри тој порано во сезоната.

Иако технички Јовиќ е на изнајмување во Ајнтрахт од Бенфика, Франкфурт потврди во март дека има опција да го купи за постојано во текот на летото, а ако решат да го продадат, би излегле во сериозен профит.

Во оваа кампања, Србинот има 24 гола за Ајнтрахт во сите натпреварувања и го рангираше тимпт во четвртфиналето на Лига Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 09:09