Германската канцеларка Ангела Меркел побара од лидерот на Либиската национална армија (ЛНА) генерал Калифа Хафтар да го стопира походот кон Триполи.

Таа посочи дека „нема решение за проблемите во Либија“.

– Канцеларката го осудува напредувањето на трупите на генералот Хафтар кон Триполи. Германската Влада стриктно бара од генералот Хафтар и неговите приврзаници во моментот да ги запрат своите воени операции, изјави портпаролот на Меркел, Стефан Зајберт во телефонскиот разговор со меѓународно признаениот премиер на Либија, Фајез ел Сараџ.

Во исто време, Берлин ги повика двете завојувани страни да се вратат на преговарачката маса.

Во Либија од минатата недела обновени се судирите помеѓу ЛНА предводена од Хафтар, кој од источниот дел тргна во освојување на западниот дел од земјата и на Триполи, што се под контрола на меѓународно признаената Влада, предводена од Сараџ.

По соборувањето на долгогодишниот лидер Муамер ел Гадафи во 2011 година Либија е нестабилна поради големиот број на вооружени групи кои се борат за власт и контрола над нафтените полиња.

Од летото 2014 година Либија е политички поделена на две влади – самопрогласената во источниот дел на земјата, со седиште во Тобрук што е под контрола на 75-годишниот Хафтар и меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи со премиерот Сараџ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 09:40