Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија Џереми Корбин изјави дека Владата треба да се спротивстави на екстрадицијата на Џулијан Асанж во САД.

Корбин истакна дека САД инсистираат да им биде испорачан Асанж бидејќи „изнел докази за злосторствата извршени во Ирак и во Авганистан“.

И министерката за внатрешни работи во владата во сенка Дајен Абот побара од британската премиерка Тереза Меј да ја блокира екстрадицијата на Асанж во САД на ист начин како што интервенираше во случајот со хакер Гари Мекинон.

Во 2012 година Меј како секретар за внатрешни работи ја спречи екстрадицијата на Мекинон врз основа на човековите права, откако лекарите предупредија дека е во опасност од самоубиство ако биде испратен на судење во САД. Според Абот слични причини треба да се искористат за блокирање на екстрадицијата на Асанж.

– Ако се сеќавате на случајот со Гари Мекинон, Американците инсистираа да биде испорачан. Тој стоеше зад големо компјутерско хакирање, но неговото право злосторство беше што ги посрамоти американската воена и безбедносна служба. На крајот, тогашната секретарка Тереза Меј ја блокира неговата екстрадиција врз основа на човековите права. Мислиме дека постои основа за човековите права и во случајот на Асанж, истакна Абот.

Британската полиција вчера го уапси Асанж во зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години, откако Еквадор му го укина азилот. Полицијата информираше дека 47-годишниот Асанж бил уапсен врз основа на налог на Судот во Вестминстер издаден на 29 јуни 2012 година, затоа што не се јавил на суд во предвидениот термин.

САД во 2010 година издадоа потерница по Асанж под обвинение за објавување доверливи информации, откако Викиликс објави серија американски тајни документи, вклучително и за воените операции на САД во Авганистан и Ирак и за условите во затворот во базата Гвантанамо на Куба.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 12:51