Високата комесарка на Обединети нации за човекови права Мишел Башеле денеска побара суданските власти да ги ослободат сите лица кои се притворени поради учество во мирните протести и да спроведат истрага за употреба на сила против демонстрантите од декември минатата година.

– Ова е многу критичен, нестабилен момент за Судан и постои длабока несигурност и непријатност за иднината, посочи Башеле.

Таа нагласи дека властите мора да се воздржат од употребата на сила против тие кои мирно протестираат.

Откако суданскиот претседател Омар ал Башир вчера беше соборен од власт по 30 години и уапсен за време на воениот удар, со земјата ќе раководи Привремен воен совет. Суданскиот министер за одбрана Ахмед Авад Ибн Ауф е назначен за шеф на Преодниот воен совет.

– Суданската армија го смени и го уапси долгогодишниот автократски претседател Омар ал Башир и ја презеде контролата врз земјата за следните две години, посочи Ауф.

Тој најави дека за две години во Судан ќе бидат одржани „слободни и фер избори“.

Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башар. Бројот на учесниците на протетсите се зголеми минатата недела, по оставката на претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика.

На зголемениот интензитет на протести, суданската Влада одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата, во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 13:39