Суданскиот Преоден воен совет најави дека нема да го испорача сменетиот претседател Омар ал Башир, кој се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, туку ќе му се суди во Судан.

Меѓународниот суд издаде потерница по Башир поради наводни воени злосторства

Откако Башир по 30 години вчера беше соборен од власт и уапсен за време на воениот удар, со земјата раководи Привремен воен совет, а за шеф е назначен суданскиот министер за одбрана Ахмед Авад Ибн Ауф.

Тој најави дека за две години во Судан ќе бидат одржани „слободни и фер избори“.

Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башир. Бројот на учесниците на протетсите се зголеми минатата недела, по оставката на претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика.

На зголемениот интензитет на протести, суданската Влада одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата, во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 14:12