Официјалниот претставник на Црвениот крст, Емануело Капобјанко изјави денеска дека е загрижен повеќе од кога било заради можното регионално ширење на вирусот ебола во Конго по неодамнешното зголемување на бројот на заболени лица.

Капобјанко тоа го изјави телефонски пред клучниот состанок на Светската здравствена организација во Женева, на кој треба да се одлучи дали да се прогласи смртоносна епидемија на ебола во североисточниот дел на Конго, како меѓународно итна здравствена состојба.

Епидемијата на ебола стана втора најсмртоносна широко распространета заразна болест, по нејзиното прогласување на 1 август минатата година.

Министерството за здравство на Конго вчера пријави 1.206 потврдени и веројатни случаи, вклучувајќи и 764 смртни случаи.

Капобјанко, шеф на здравството и заштитата на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, вчера ја наведе статистиката на Министерството за здравство на Конго, според која во текот на два дена од оваа недела, биле пријавени 40 нови случаи на болеста.

Тој истакна дека оваа стапка е без преседан.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 16:30