САД можат да се соочат со голем проблем, бидејќи ЕУ разгледува воведување на нови царински давачки во вредност од 19 милијарди евра.

-Ова е одговорот на американското субвенционирање на производителот на авиони „Боинг”, изјавија официјални претставници на ЕУ за Еурактив.

Европската комисија во текот на денот ќе им испрати на членките листа на американски производи, кои би ги погодиле новите царини.

Вкупната вредност на тој извоз на европскиот пазар е околу 19 милијарди евра. Таа сума е многу повисока од првичната проценка на штетата, која ја направија субвенциите за 2012 година, кога Комисијата тој износ го процени на 12 милијарди евра.

Според Еурактив, листата ќе биде објавена на 17 април заради јавни консултации.

Таа листа е дел од подготовките да се одговори на американските субвенции, кои сојузната држава Вашингтон му ги даде на Боинг. САД и ЕУ се во долг спор пред Светската трговска организација (СТО) поради финансиската помош, која им ја даваа на своите производители на авиони.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на неделата најави воведување нови царини за европските производи, како одговор на субвенциите кои Европа му ги дава на Ербас.

Листата на потенцијални американски производи кои ќе бидат санкционирани со нови царини, вклучува земјоделско-прехранбени производи (околу 10 милијарди евра), индустриски производи (4,5 милијарди евра), авиони и делови (околу 3,5 милијарди евра).

-Ако тие ја „напумпаат“ својата листа, ние ќе го сториме истото, наведува неименувани европски дипломат.

Официјален претставник на Комисијата во оваа фаза не сакаше да даде коментар за случајот.

Конечната одлука за обемот на одобрените санкции, како одговор на случајот Боинг, ќе ја донесе арбитарот СТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 17:05