Нафтениот гигант „Шеврон“ ја презеде американската нафтена компанија „Анадарко“ за 33 милијарди долари плус дополнителни 17 милијарди долари долгови. Договорот беше потпишан синоќа и треба да се затвори во второто полугодие, соопштија двете компании.

Висината на зделката е за 39 отсто повисока од берзанската вредност на „Анадарко“. Ова е шеста по големина зделка во историјата на нафтената индустрија.

„Анадарко“ лани произвела 242 милиони барели сурова нафта (околу 33 милиони тони) додека Шеврон лани добила 1.1 милијарда барели (150 милиони тони).

Оваа зделка ќе ја зголеми количината на добиената нафта за 20 отсто а се зголемуваат и резервите на природен гас, соопшти „Шеврон“. „Анадарко“ поседува 1.4 милијарди барели резерви наоѓалишта нафта, додека резервите на „Шеврон“ се 11.7 милијарди барели.

Оваа компанија е една од најголемите кои го усовршија вадењето нафта и гас од шкрилци. Свои проекти реализира во четири сојузни држави во САД, во Мексиканскиот залив и има рафинериски капацитети во Африка.

-Зделката ја засилува позицијата на „Шеврон“, а висококвалитените активи на „Анадарко“ ќе го засилат нашето присуство во Пермскиот базен (нафтени полиња каде се наоѓа најголемиот центар за извлекување нафта од шкрилци во САД), изјави Мајкл Вирт, генерален директор на американскиот нафтен гигант.

Додаде и дека со ова компанијата добива дополнителен потенцијал во Мексиканскиот залив и подбри позиции во проектите за течен природен гас.

Нафтената индустрија во САД се консолидира, сметаат експертите.

Според нив, малите и средните компании што ја усовршија техниката за вадење на нафта од шкрилци не се толку кредитоспособни и имаат големи трошоци, додека вертикално интегрираните компании пројавуваат интерес во полињата каде се вади нафта од шкрилци.

Лани во САД во нафтената индустрија имало здружувања и откупи на компании во вредност од 84 милијарди долари, максимално во однос на 2014 година. Или 65 отсто од сите такви зделки во цел свет.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2019 14:46