Алжирската полиција уапси петмина од најбогатите бизнисмени во земјата, кои важат за блиски до донеодамнешниот претседател на Алжир, Абделазиз Бутефлика.

Полицијата информира дека бизнисмените се уапсени под сомнеж за корупција.

Алжирските медиуми објавија дека станува збор за индустрискиот магнат Исад Ребраб и за четворица браќа од моќното семејство Квинеф – Реда, Тарек, Абдел Кадер и Карим.

Меѓутоа, Ребраб во објава на Твитер ги негираше ваквите информации. Како што јави Би-Би-Си, Ребраб тврди дека бил во полициска станица, но не затоа што бил уапсен, туку затоа што поднел барање за дозвола за бизнис активности.

Апсењата уследија откако минатата недела началникот на Генералштабот на алжирската Армија и заменик министер за одбрана, Ахмед Гаид Салах најави дека не е исклучено новите власти да започнат истрага против членови на алжирската елита поради сомнежи за корупција.

Донеодамнешниот алжирски претседател Бутефлика, кој ја извршуваше функцијата 20 години, поднесе оставка пред три недели по притисок на повеќемесечните масовни антивладини протести.

Меѓу барањата на демонстрантите, освен заминување на Бутефлика, беше и поведување антикорупциски истраги против припадници на елитата блиска до долгогодишниот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 19:46