Поранешниот турски премиер и близок соработник на турскиот претседател, Ахмет Давутоглу на Фејсбук објави текст на 15 страници, во кој ја критикува владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).
Документот објавен од Давутоглу потсетува на предизборен или политички манифест, а одредени медиуми објавија дека во следните месеци тој би можел да формира своја партија.
Давутоглу се уште е член на АКП, но тој откако поднесе оставка од премиерската функција во мај 2016 година се повлече и од активната политика.
– Резултатите од изборите покажуваат дека политиката на вложување во коалиции предизвика штета на нашата партија, како во поглед на нивото на поддршка од гласачите, така и во поглед на идентитетот на партијата. На кратко, на нашата партија денес и е потребна обнова во секој поглед. Четири години за кои се очекува дека ќе поминат без избори треба да обезбедат доволно време за таква обнова. Во овој период, ако АКП има радикален процес на регенерација, може да ја врати изгубената реторика и политичка религија. И што е најважно, таа може да ја врати моралната супериорност, што брзо ја губи, истакна Давутоглу.
АКП и Партијата на националистичкото движење (МХП) формираа коалиција пред претседателските и парламентарните избори во јуни минатата година. Давутоглу тврди дека реформистичкиот, либерален етос на партијата во последните години е заменет со етатистички пристап кој се заснова на сигурност, поттикнат од загриженоста за зачувување на статус кво.
Тој осврнувајќи се на економската ситуација во Турија посочи дека „главна причина за економската криза е кризата на администрацијата“.
– Довербата во администрацијата исчезнува ако одлуките од областа на економската политика се далеку од реалноста, наведува Давутоглу.
Поранешниот турски премиер истакнува дека на земјата и е потребен граѓански, демократски Устав.
– Со жалење ве известувам дека новиот систем не ги исполнува очекувањата на нашата нација… мораме сериозно и искрено да работиме на промена на системот, потенцира Давутоглу.
Тој се осврна и на слободата на медиумите, истакнувајќи дека тоа е исклучително важно за турското општество.
– Медиумите се главен елемент на слободната мисла и кои се опишани како четврта сила во развиените демократии, стана самостојна и пропагандна алатка. Слободата на медиумите е имунолошки систем на нашата демократија, наведе Давутоглу.