Два американски носача на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и „УСС Џон Ц. Стенис“ синоќа запловија во Медитеранот и деновиве ќе извршуваат воено-технички активности како демонстрација на заложбите на САД за стабилност и безбедност на сојузниците во регионот, напиша на Твитер Командата на морнаричките сили на САД во Европа и Африка.

Американскиот амбасадор во Москва, Џон Хантсман укажа дека двата носача на авиони на САД во Медитеранот се дел од меѓународната дипломатија „Русија да престане со злонамерните активности насекада низ светот“.

Двојната ударна група на бродовите на морнарицата на САД составена и од неколку разурнувачи ги демонстрира воено-воздухопловните можности и интероперабилност со клучните сојузници во театарот на Европа, се вели во соопштението на Твитер.

На „УСС Абрахам Линколн“ синоќа во посета дојде амбасадорот Хантсман кој изјави дека секој од носачите претставува и „100 илјади тони меѓународна дипломатија“.

-Дипломатски дијалог и комуникација во пар со одбранбената сила на овие бродови демонстрира на Русија дека ако навистина сака подобри односи со САД мора да престане со дестабилизирачките активности насекаде низ светот, изјави тој во соопштението за јавноста на американската морнарица.

Во соопштението се вели дека двојната ударна група на морнарицата на САД во Медитеранот е составена од 130 летала, 10 бродови и 9.000 морнари и маринци. Се додава и дека првпат по 2016 година во Медитеранот запловуваат два американски носача на авиони.

Распоредувањето на двата брода се случува на помалку од една недела по објавувањето на извештајот на специјалниот обвинител Роберт Малер за вмешаноста на Русија во претседателските избори во 2016 година. Тогаш, руски воени разузнавачи и хакери од ГРУ, упаднаа во компјутерите на официјални лица од Демократската партија и обелоденија илјадници страници украдени документи и електронски пораки.

-Русите претставуваат ризик и мојата задача е да го менаџирам тој ризик. Кибер командата на САД и Националната агенција за безбедност (НСА) се способни да одговорат, изјави неодамна Патрик Шанахан, вршител на должност секретар за одбрана на САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2019 19:19