Уредбата на рускиот претседател Владимир Путин со која, меѓу другото, на жителите на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск им се овозможува полесно да добиваат државјанство на Русија, претставува уште еден напад на Москва врз суверенитетот на Украина, соопшти денеска Кабинетот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Во соопштението се посочува дека вчерашната одлука на Москва, што доаѓа само неколку дена по украинските претседателски избори, на кои „е покажана силна приврзаност на Украина кон демократијата и владеењето на правото“, ја покажува намерата на Русија за „дополнителна дестабилизација на Украина и влошување на судирот“.

– Се надеваме дека Русија ќе се воздржи од акции што се во спротивност со договорот од Минск и ја попречуваат целосната реинтеграција на подрачјата што не се под контрола на украинската Влада. Сите страни мораат во целост да ги исполнат своите обврски од договорот од Минск. Европската унија останува посветена на својата поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се истакнува во соопштението на Кабинетот на Могерини.

Путин вчера потпиша декрет со кој се овозможува забрзано решавање на барањата за добивање руско државјанство на Украинците кои живеат во Доњецк и Луганск.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 12:31