Европската комисија денеска реагираше на писмото испратено вчера од италијанската Влада во кое таа бара Брисел да изготви акциски план за справување со можни нови миграциски текови од Либија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Сакаме да потсетиме дека пречката за изнаоѓање баланс помеѓу солидарноста и одговорноста во миграцијата и подобро управување со миграцијата не се наоѓа кај Европската комисија, подобро би било да се испрати писмото до земјите членки, изјави портпаролката на Еврокомисија, Мина Андреева.

Италијанскиот министер за надворешни работи Енцо Моаверо вчера предупреди дека конфликтот во Либија, кој не стивнува, може да предизвика нов бран бегалци кон Европа од оваа земја, како и од останатите африкански земји кои транзитираат преку Либија. Италија оценува дека осумстотини илјади мигранти би можеле да се обидат да заминат во Европа, доколку се влоши состојбата во земјата.

Земјите членки на ЕУ речиси четири години не успеваат да изнајдат заеднички јазик за справување со мигрантските текови и не успеваат да ги реформираат законите за азил во ЕУ предложени од Европската комисија.

Земјите кои се наоѓаат на надворешните граници на ЕУ, како Грција и Италија, бараат солидарност од другите членки, но источноевропските земји се спротивставуваат на секакви мерки за квоти и сметаат дека треба целосно да се затворат надворешните граници.

Високиот комесар за бегалци на ОН, Филипо Гранди, вчера во интервју за германски весник предупреди дека ЕУ не е подготвена да се соочи со нова миграциска криза.

Европската комисија ја опомена Италија и поради забелешките на министерот за внатрешни работи за секундарните движења внатре во ЕУ, односно мигрантите кои откако ќе пристигнат во една земја на ЕУ потоа слободно се движат во целата Унија, бидејќи нема внатрешни гранични контроли.

Портпаролката на ЕУ за миграција, Наташа Берто, потсети дека правото на Унијата забранува секундарни движења.

– Повеќе пати ги повикавме земјите членки да го спречат ова и лицата кои немаат право да останат во Европа да бидат вратени назад во поголем број, изјави Берто, потсетувајќи дека предложената реформа имаше за цел да се справи токму со овие прашања кои денес ги отвора италијанската Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 14:37