Стапката на вработеност на лицата на возраст помеѓу 20 и 64 години во 2018 година во земјите членки на Европска Унија се искачи на 73,2 проценти, соопшти денеска Евростат.

Стапката претставува зголемување во однос на претходната година кога била 72,2 отсто.

– Целта на стратегијата Европа 2020 е да се постигне тотална стапка на вработеност од најмалку 75 проценти за возраста од 20 до 64 години до 2020 година, потсетува Евростат.

Секоја земја членка има задача да ја постигне самостојно оваа цел на национално ниво. Тринаесет земји членки ги постигнале зацртаните цел од стратегијата Европа 2020 веќе во 2017 година, а некои од нив и ги надминале поставените цели. Меѓу нив се наоѓаат Чешка, Германија, балтичките држави, Словенија, Португалија и Шведска. Најниска стапка на вработеност бележат Грција со 59,5 отсто, а потоа Италија, Хрватска и Шпанија.

Во Шведска, Германија и Данска над 70 отсто од лицата на возраст помеѓу 55 и 64 година се вработени, најниска стапка за оваа група имаат Луксембург, Грција и Хрватска, иако во сите земји членки без исклучок е забележан раст на стапката на вработеност за оваа возраст во споредба со 2017 година.

Што се однесува до родовите разлики, најдобар резултат покажуваат Литванија, Финска, Летонија и Шведска каде мажите и жените имаат слични стапки на вработеност, иако онаа за жените и таму останува малку пониска.

Најголеми разлики бележат Малта, Грција и Италија.

Вкупно на ниво на ЕУ, стапката на вработеност на мажите помеѓу 20 и 64 години во 2018 година е 79 проценти, додека за жените е 67, 4 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 15:10