Норфолк во југоисточна Вирџинија, најголемата воено-поморска база во светот, викендов е место каде со повеќе настани САД и сојузниците одбележуваат многу датуми од првата половина на 20 век, децении на кризи, страдања и големи војни.

САД со завршна комеморација го одбележаа влегувањето на земјата во Првата светска војна во 1917 година; се прославува седум децении од создавањето на НАТО и 100 години од поморската база во Норфолк и создавањето на Кралските воздушни сили на Велика Британија.

Овие значајни дати за сојузниците од Северноатлантската алијанса викендов во Норфолк, пристанишен град на Заливот Чесапик, се одбележуваа со повеќе настани.

Во четвртокот попладне НАТО фестивалот започна со церемонијално подигање на знамињата на 29-те земји членки на НАТO.

Овој свечен армиски чин ги претстави сите 29 земји членки и додека знамињата се извишуваа на јарболите, воениот оркестар на Поморската флота на САД изведуваше дел од химните на секоја земја.

Во саботата претпладне по локално време се одржа Парадата на нациите.

Ова е едниствената воена парада во САД која традицинално се одржува секој година во чест на Северноатлансткото сојузништво и НАТО. Парадираа околу стотина групи составени од ученици од средните школи на САД, како и американски и меѓународни воени бендови. Имаше и макети на бродови со разнобојни штандови за секоја од 29. земји членки на НАТО.

Веднаш после парадата се отворија шаторите на 29. земји членки на НАТО со разни меѓународни културно-уметнички и концертни изведби, и со грчки, германски, италијански и француски кулинарски специјалитети, пиво и вино. Настанот беше организиран од Главниот штаб на НАТО силите во САД лоциран во Норфолк.

За денеска е предвидено да се одржи пријателски рагби натпревар помеѓу ХV Пацифик, француски армиски рагби тим и Норфолк Блуз, градскиот рагби тим на Норфолк.

Повеќе играчи на ХV Пацифик се со потекло од тихоокеанските острови и како дел од настанот, тие изведуваат хака, церемонијален танц на пацифичкиот народ Маори.

В понеделник по повод НАТО фестивалот се одржува трибина и банкет на кој ќе настапи американската амбасадорка во НАТО Кеј Бејли Хатчинсон. На трибината ќе се говори за новите закани по светската безбедност како глобалниот поход на тероризмот и улогата на САД и НАТО во нивното запирање.

Во текот на сите денови на НАТО фестивалот на небото над Норфолк летаат млазните авиони на францускиот акробатски летачки тим „Патру де Франс“.

[photo]

Фото репортажа од НАТО фестивалот во САД

Фото репортажа од НАТО фестивалот во САД


Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2019 11:36