Специјалниот претставник за Сирија на американскиот Стејт департмент Џејмс Џефри ќе преговара во Турција за ситуацијата во арапската земја, соопшти Вашингтон.

Разговорите ќе почнат денеска и ќе траат до 2 мај.

Стејт департментот соопшти дека „ќе се обрне внимание на оправданите грижи за стабилноста и безбедноста во северниот дел на Сирија, откако американската војска го намали своето присуство“.

Освен тоа, тема на разговорите ќе биде и уништувањето на Исламска држава и спроведувањето на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност, со која се бара запирање на огнот и политичко решение на кризата.

Додека САД го подготвуваат повлекувањето од Сирија, Турција продолжува да изразува загриженост за американската поддршка за курдите во североисточна Сирија, кои Анкара ги смета за терористи.

По разговорите во Турција, американските дипломати ќе заминат за Женева, каде ќе се сретнат со други претставници за Сирија од Египет, Франција, Германија, Јордан, Саудиска Арабија и Велика Британија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2019 11:07