Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека имал „многу продуктивен“ телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за повеќе прашања, меѓу кои за Северна Кореја, Украина и Венецуела, како и за нуклеарното оружје и билатералната трговска размена.

Трамп со серија твитови откри дека со Путин разговарале и за истрагата во САД за наводното руско мешање во американскиот политички систем, вклучително и во претседателските избори во 2016 година.

– Имав долг и многу добар разговор со рускиот претседател Путин. Како што секогаш зборував, многу пред да почне „ловот на вештерки“, да се договориме со Русија, Кина и со другите е добра работа, а не лоша работа, напиша Трамп во еден од твитовите.

Претходно, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека Трамп и Путин имале „многу позитивен разговор“.

Телефонскиот разговор помеѓу двајцата лидери го потврди и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Телефонскиот разговор помеѓу Трамп и Путин траеше речиси 1,5 час, истакна Песков, но не наведе детали.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2019 11:07