Папата Франциск со посетата на Република Северна Македонија и на Бугарија сака да го сврти вниманието на проблемите со кои се соочуваат сиромашните и бегалците, објави Би-Би-Си на српски јазик.

Пред посетата папата изјави дека со доаѓањето во Република Северна Македонија и во Бугарија сака да искаже радост и пријателство, да го охрабри верското малцинство и да ги приближи православната и католичката црква.

Доаѓањето на папата на Балканот не е само од верска природа. Со оглед дека Ватикан е и држава, оваа посета има и дипломатски карактер, наведува Би-Би-Си на српски јазик.

Верскиот аналитичар Жељко Ињац изјави дека „папата е еден од ретките кои зборува за мигрантите и за нивните неволји“.

Тој објаснува и зошто папата Франциск нема да ја посети Србија.

– Не верувам дека папата ќе дојде кај нас. На Ватикан му е важно да има добри односи со Српската православна црква, поради руската црква, но до подобрување на односите нема да дојде поради одлуката на претходникот на папата Франциск за случајот Степинац, посочи Ињац за Би-Би-Си на српски јазик.

Специјална комисија на Католичката и Православната црка покрена иницијатива да се испита улогата на загрепскиот надбискуп Алојз Степинац за време на Втората светска војна.

Ињац додава дека папата Франциск најави реформи, но тешко може да се очекува обединување на двете цркви кои се во раскол од 1054 година.

Поглаварот на Римокатоличката црква во 2014 година ја посети Албанија, а во 2015 година беше во Сараево. Планирана е посета на Романија во јуни годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2019 11:49