Русија очекува од европските потписнички на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година да ги исполнат своите обврски од договорот, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
По средбата со иранскиот колега Мохамад Џавад Зариф во Москва, Лавров истакна дека ситуацијата околу нуклеарниот договор му отежнува на Техеран да го исполни својот дел од обврските.
Зариф потенцираше дека одлуката на Техеран за намалување на некои ограничувања од нуклеарниот договор е легитимна и реверзибилна. Тој оцени дека со активностите Иран не ги прекршил оригиналните услови на нуклеарниот договор и оти сегашниот 60-дневен рок е за дипломатска активност.
Иранскиот претседател Хасан Рохани претходно денеска предупреди дека Техеран ќе престане да се придржува до одредени делови од нуклеарниот договор и им даде рок од 60 денови на земјите потписнички да ги исполнат своите обврски, посебно делот за банкарските и нафтените сектори.
Рохани посочи дека Иран ќе продолжи со високо ниво на збогатување на ураниум доколку светските сили не придржуваат до ветувањата дадени во рамките на мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година.
Рохани во телевизиското обраќање наведе дека земјите потписнички на Договорот – Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија имаат 60 денови да ги исполнат своите обврски за да ги заштитат нафтените и банкарските сектори на Иран од американските санкции.
Обраќањето на Рохани се совпаѓа со годишнината од повлекувањето на САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.