Централниот дефанзивец на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, беше избран за најдобар играч во Премиер Лигата. Холанѓанецот, кој учествуваше во сите 37 натпревари во првенството до моментов ги претекна своите соиграчи Садио Мане и Мохамед Салах, триото од Манчестер Сити Рахим Стирлинг, Серхио Агуеро и Бернардо Силва, како и најголемата ѕвезда на Челзи – Еден Азар.

Победникот се определува од комбинирано гласање на фанови, капитените на 20-те тима во Премиер лигата и фудбалски експерти.

Ван Дајк е првиот дефанзивец во последните седум сезони, кој ја освојува наградата, по Венсан Компани. Холанѓанецот помогна на својот тим да постигне 29 победи и 19 чисти мрежи во 37-те дуели досега.

– Ова е голема чест и јас сум многу горд што го добивам овој трофеј. Ќе беше невозможно да го направам тоа без сите во Ливерпул – моите соиграчи и навивачите, па дефинитивно оддавам почит на сите нив. Мислам дека целата сезона во Премиер лигата беше неверојатна. Се натпреварувавме со тим кој е многу добар. Мислам дека беше задоволство за сите неутрални фанови да ја гледаат оваа битка, изјави Ван Дајк,

За него ова е втора награда во оваа сезона, откако неодамна тој беше избран и за Играч на сезоната од асоцијација на професионални фудбалери (ПФА).



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2019 14:58