Жител на тетовското село Доброште се обидел да прегази полициски службеници кои го затекнале на земјен пат во шумскиот предел кога се обиделе да го запрат за извршување контрола, соопшти СВР Тетово. Полицајците се тргнале настрана и испукале предупредувачки куршуми.

-Околу 19 часот, на земјен, шумски пат за тетовското село Доброште, патрола од Полициската станица за граничен надзор Рогачево забележала џип „УАЗ“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од 61-годишниот А.А. од Доброште. На дадениот знак џипот не застанал и продолжил со движење, потоа свртел и се упатил кон полициските службеници, а кои веднаш се тргнале настрана за да не бидат удрени и при тоа испукале предупредувачки куршум во воздух, инфомира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Возачот продолжил со управување со возилото, ја зголемил брзината и заминал. Според полицијата нешто подоцна истото е пронајдено натварено со дрва и моторна пила. Шеесет и едногодишникот во текот на ноќта е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2019 13:02