Надлежните институции очекуваат при крај на годинешната жетва и почетокот на есенската сеидба земјоделците да можат да ја користат мерката за субвенционирана нафта за земјоделска механизација за која е објавен оглас.

– Целта е да се олесни производството на земјоделците и да им се намалат трошоците за механизацијата, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски имаа средба со земјоделци во село Пиперово во општина Василево.

Тендерот е отворен 70 дена и на него имаат право да учествуваат сите странски, домашни и правни или физички лица или група на такви лица регистрирани за вршење дејност поврзана со предметот на договорот или на банката.

-Рангирањето на понудите ќе се врши според висината на понудените цени, изјави Николовски, соопшти МЗШВ.

Во годинешната Програма за директни плаќања, за оваа мерка МЗШВ издвои 200 милиони денари. Со мерката ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци што имаат полјоделски и градинарски култури, овошни и лозови насади.

При креирање на мерката се водело сметка за пријавените производни капацитети односно хектари за овошни и лозови насади, градинарски и полјоделски култури. Анализите покажале дека најмногу гориво или 150 литри по хектар се троши за овошните насади, потоа околу 120 литри за лозовите насади и градинарските култури, а 60 литри по хектар се троши за полјоделските култури.

– Бидејќи се работи за сосема нова мерка, оваа година како прва во воведувањето на оваа нова мерка финансирањето ќе биде 30 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација, со можност која што веќе е ставена и во законот понатаму овој процент да се зголемува и до 50 проценти. Согласно со изработената методологија, висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површините и типот на земјоделски култури кои што се одгледуваат, рече Николовски.

Компанијата која ќе го добие тендерот има обврска да ги испечати платежните картици и потоа да ги достави до Платежната агенција којашто преку подрачните единици ќе ги доделува на земјоделците.

Како што појасни директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој Николче Бабовски, платежните картички имаат определена висина на средства која зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година.

– И најмалите земјоделци односно и оние кои имаат 0,2 хектари земја нема да останат без субвенционирана нафта. Најнискиот износ е 500 денари кој што ќе биде на една картичка, а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100.000 денари. Се со цел на овој начин да се поттикнат сите оние кои сакаат да го окрупнат своето производство, изјави Бабовски.

Земјоделците ќе можат да купуваат исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација единствено само на бензиските пумпи кои што се кај избраниот оператор, а картичката ќе можат да ја користат повеќекратно се до исцрпување на нејзината вредност. Преку оваа мерка МЗШВ ќе придонесе за значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. На овој начин враќаме 200 милиони денари назад кај земјоделците, информираат од МЗШВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2019 15:10